9. Попретке брале

с. Богомила, Азот

Името на селово, Богомила, како настанало?
„Еее, Богомила! Пред илјаду и две-тристотини години селово не било овде. Ова место било со вода... како што су чул ја... Не су бил, да знам. И во Марков Камен – долу, било сето карпи... И ова било вода, се викало ада... И денеска там долу имаме еден дол го викаме Корабски Дол.

Па на оној рид одиле со кораб... а куќите биле повисоко. На повисокото... овде-онде маала. И одиле преку таа вода со чамец од тој крај на другиов крај... ама, ова спаднало кај Марков Камен – долу, се рушило, водата спаднала и се оцедило.

Ги нападнале Турците, па ко што биле маала не могле да се бранат. Ама овој поп Богомил бил као просветно лице `и организирал во сите маала, од повисоко и рекол: Дај ние да се збериме на нисконо место, долу, во гомила.
И станало Богомила. Ради да не можат да не разбијат ко ќе дојдат Турците”.
Поп Богомил од тука бил? Од вашето село?
„Е куќата му била таму горе, на тепено Миткоско, горе, така су слушал. Колку е верно, не знам. Тепе Миткоско се вика. То значи рид. Таму било. Така су чул ја. Таму било, ама тој организирал. Ете, то ет работата”.
Како се викале тие селата околу?
„Ааа, Нивишјани, Корабјани, оттука Калуѓерчани, оттаму Присојчани. Маала то биле. Така се викале. Немало едно име селото. Се викале Корабјани, Белутрачани, Присојчани, таму разни маала, разни имиња. Тие биле селца мали и зато попот ги групирал на едно место; ако ги нападни некој арамија, да можат да се одбранат...”

No comments: