21. Жали моме

Традицијата на изразување жал кон умрените и болката поради нив, во народната култура на Македонците се искажува низ форми на утврдено обредно однесување, посебно на жените, коишто низ мелодиски варијации контактираат со умрените, но и со живите во исто време.

Иако е денес сé помалку застапена, традицијата на тажење за умрените е еден од најархаичните и специфични елементи на народната култура со исклучителен степен на конзервираност и зачуваност на структурата и формулноста, а покажуваат извонредна исполнувачка постојаност (што не конотира и непроменливост) во текот на подолг временски период.

Оплакувањето во Македонија, соодветно на регионалната распространетост, се означува со различни термини, од кои најраспространети се тажење или редење (Мариово), плачење, плачат га, виев, (Скопска Црна Гора), редив (Дивње, Скопско), жељане (Тетовско), прапејвајне, прапејват (Гевгелиско).

Според традициските правила, оплакувањето спаѓа во сферата на женската култура. Иако во традиционалните средини било вообичаено да се очекува секоја жена да знае да тажи, сепак, тоа се сметало за посебна дарба, но и вештина, поради што во секое село или поширок регион на жените што најдобро ја владееле вештината на тажење им се придавал посебен општествен статус, а во својата средина важеле за личности со посебна исполни-телска и творечка дарба.

Знаењата поврзани со тажењето помладите жени ги учеле од постарите, ќерките од мајките, снаите од свекрвите. Сепак, освен потребните знаења за владеење на формулноста на тажачките, решавачки се сметале емоционално-исполнителските карактеристики на жените. Многу често, на терен кога се зборува за "добри тажачки", се нагласува нивната способност да ја пренесат емоционалната состојба врз другите присутни. "Кога таа ќе затажи, солзите сами ти течат, сите плачат, срцето ќе ти пукне" - се објаснува моќта на искусните тажачки.

Во некои краишта во Македонија постоеле жени коишто ја владееле вештината на тажење за пари или за друг надомест ги тажеле умрените таму каде што биле викани. Поради овој факт, за овој тип тажачки се создадени повеќе анегдоти и поговорки од типот: "Тажење за кора сланина и една ока грав" или "Грав те тажи, кора сланина те плачи".

Со оглед на тоа што се сметало за незамисливо со умрените да се комуницира без тажење, тажењето во Македонија постои од многу одамна, а во некои краишта е сé уште целосно задржано. Тажачката исполнителска традиција е еден од најемоционалните и најсуптилни изведувачки и творечки процеси преку кои може да се согледаат многу аспекти на народниот светоглед, односот кон умрените, а посебно односот кон живите.


1 comment:

Anonymous said...

People should read this.