14. Шета Митра низ лозјето

Благуна Атанасовска
Стојмирка Филипоска
с. Брест, Порече
_______________________

ОГЛЕДАЛО

За време на Божик, познати се обичаите и верувањата поврзани со гатањето, кое во овие денови било најповолно. Преку гатањето можело да се види што ќе се случи во текот на годината, било тоа да е во врска со плодноста, здравјето на луѓето, стоката, работата и слично.

Интересни се гатањата со помошна огледалото - огледувањето, што ги вршеле младите девојки на кои им претстоело мажење и кои во огледалото требало да го здогледаат ликот на момчето за коешто порано или подоцна ќе се омажат. За ова зборува и сведочи божичечкиот напев од селото Брест - Порече "Шета Митра низ лозјето".

Огледалото во повеќето култури не фигурирало само како предмет кој имал практична вредност, туку често му се припишувале и необични, натприродни својства. На територијата населена со Јужни Словени огледалото претставувало повеќефунционален магиски инструмент.

Самиот напев покажува каков бил односот што човекот од овие простори го имал кон огледалото. Преку огледалото во кое се гледа девојката, преку рефлексијата, се јавува една друга реалност, еден свет во кој времето и просторот имаат сосема условно значење. Таа е и тука, но и таму, во тој другиот свет.

Магиското огледување зборува за настојувањата на девојката да прејде преку границите на овој свет, надвор од границите на времето, создавајќи во огледалото еден нов свет, нова стварност, кои ги создаваат човечките стравови, тежнеења за недостижното, накратко кажано, свет создаден од човечките емоции.

No comments: