Мијаци, Тријаци, три камења белутраци
Селото Ореше се наоѓа во областа Азот или Бабуна (Велешко). И покрај тоа што целата област е населена со Македонци, најголемиот дел од нив се идентификуваат како Брсјаци. Луѓето од селото Ореше како и од соседното Папрадиште, пак, се припадници на друга локална заедница Македонци наречени Мијаци. Токму поради тоа во етнолошката наука за овие две села се вели дека се мијачки оази во брсјачка етнографска целина.
Како резултат на исламизацијата и притисоците кои ги вршеле муслиманите во нивната матична територија, Мала и Долна Река, во XVIII век доаѓа до иселување на некои семејства од селата Галичник и Лазарополе кои, главно, се населуваат во планинската област Азот. Оваа област е избрана пред се` поради фактот што тука некои мијачки семејства имале имоти на кои ги напасувале овците и кои претставувале база за создавање постојани живеалишта.

Карактеристично за оваа мијачка оаза во Велешко, и покрај блискоста и комуницирањето во секој поглед со населението од соседните села, е тоа што во минатото не се ородувале меѓу себе, па дури и постоеле чувства на нетрпеливост и натпревар меѓу овие две етнички групи.
Имено, Мијаците себеси се сметаат за нешто повеќе од Брсјаците, а пак Брсјаците за нив потсмешливо велат: Мијаци, Тријаци, три камења белутраци.
No comments:
Post a Comment