18. Џоломари

с. Бегниште, Тиквешија

ЏОЛОМАРИ


Селото Бегниште се наоѓа во пределот Тиквешија, поточно во потпределот Витачево.
Во овој случај, во селото Бегниште обредот се изведува во раните утрински часови, на ден Василица или на Стара Нова година, и е дел од периодот познат меѓу народот како некрстени денови.



Во целокупното организирање и изведување на обредот, односно во игрите со маски учествуваат исклучиво машките членови на селската заедница. Обредот започнува во една хаотична атмосфера, симболично означена низ татнежот на ѕвонците на џоломарите, слободните, ласцивни движења и "мрсните песни".

Целото село таа василичарска ноќ бдее покрај огновите кои се запалени во сите маала во селото, при што се пијат алкохолни пијалаци и се чека утрото за да започне играта на џоломарите.

Џоломарите се облекуваат во конопени или ленени облеки кои се подготвуваат и носат само на овој ден. Ги црнат лицата со јаглен од домашните фурни, ставаат мустаќи или брада од коноп или волна. На појасите закачуваат ѕвонци и клопотарци, а во рацете носат долги џоломарски стапови. Џоломарите имаат свој предводник кој ги собира на сред село и тука тој прв ја започнува играта со џоломарското оро, во кое доминира хаотичниот звук на ѕвонците и е придружувано од повремени извици од џоломарите.

Во овој обред задолжителни учесници покрај џоломарите се и преправените мажи во две невести и една стара баба која во рацете носи фурка за предење.

Во етнолошката литература обредното колективно маскирање, или обредните игри под маски се поврзуваат со магијата за плодност, односно со имитативната магија за унапредување на вегетацијата и плодноста.

No comments: