4. Ај невесто оплитаво

Жени од село Љубанци
Скопска Црна Гора

______________________

"ОПЛИТАЊЕ" НА НЕВЕСТА

Во единаесетте села во Скопска Црна Гора, во минатото, кај жените имало специфично чешлање на косата и покривање на главата. Девојките косата ја чешлале во една плетенка, а главата ја покривале се една крпа, додека пак мажените жени косата ја чешлале во две плетенки, а главата ја покривале со две крпи.

Иницијацискиот чин на преминување од девојка во жена симболички бил прикажуван токму преку обредното чешлање на косата и забрадувањето со крпите за глава.

По венчавката, во куќата на момчето, низ обреди невестата симболично се врзува со новиот дом, со што почнуваат и подготовките за прикажување на невестата пред општествената заедница, но сега со нов статусен белег како омажена жена.

Обредот оплитање е проследен со тажно пеење од кумиците и девериците, за кое во народот се вели "една редиу, друге ѕовеу". Тоа го покажува иницијацискиот чин на премин кога со пеење се истакнува жалта за моминството кое го напушта, како и стапувањето во нов статус, статус на мажена жена.

Додека кумиците и девериците ја оплетуваат и пејат, невестата испушта звук на тажно плачење. Во тој момент се пее песната:
"Девојко мори девојко,
давај се не се предавај
Кој ми ти коси двоеше.."

По овој обред невестата им потура вода и ги дарува кумиците и девериците со крпи. Следниот ден невестата ја спремаат за на-вода до селската чешма, што значи треба да биде видена од општествената група како жена. На-вода ја носат блиски од семејството послушњаци, девојки и млади жени, а секого што ќе го сретнат на патот до чешмата, невестата треба да го поздрави со поклонување.

No comments: