8. Црн ми се облак завило

с. Дражево, Струмичко поле

_____________________

КРВТА ВОДА НЕ БИДУВА


Крвното сродство, односно роднинството, во традиционалната култура на Македонците се сметало за света работа која крајно се почитувала. Блиските роднински односи се чувале не само меѓу семејствата на родените браќа и братучеди, по чичко, вујко и тетка, туку и меѓу подалечните роднини. Нивното меѓусебно почитување главно се искажувало преку заедничка работа, преку празниците од семеен карактер, погребувањето и слично.

Карактеристика за традиционалното македонско семејство било почитувањето на авторитетот на домаќинот од страна на останатите членови, кои го сметале за глава на семејството.

Неговата улога била да ги врши сите активности што се одвивале надвор од куќата како што се пазарувањето, потоа најразлични договори, како и други ангажмани кои се практикувале надвор од рамките на семејството.

Во куќата тој, главно, ги вршел полесните работи, а останатите спрема него се однесувале со голема почит. Тоа го искажувале на најразлични начини, на пример со станување кога тој влегувал, синовите не пушеле пред него, а снаите зборувале само ако тој директно им се обрател. Се случувало домаќинот и да ги казни членовите на семејството со лишување од наследство, па дури и со физичка казна.

Со женските работи во куќата раководела домаќинката, најстарата жена, обично жената на домаќинот. Таа определувала која ќе биде месаријата, која ќе оди на жетва, која ќе оди кај стоката и слично.

Меѓу другото, карактеристично за Македонците е и тоа што се забранува брак меѓу лица кои се во крвносроднички односи. Во спротивно, во сите вакви случаи биле применувани казнени мерки од непишаните закони од народното обичајно право. Најчесто ваквите лице биле исклучувани од заедницата.

No comments: